На улицата 9 Мај, кај спомен-обележјето посветено на 75-годишнината од Големата Победа, денеска, се одржа свечена церемонија по повод 75 години од завршувањето на Втората светска војна.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин и со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, како и неколку дипломатски мисии и останати гости и граѓани положија цвеќе пред споменикот на Денот на победата над фашизмот.
И денеска им оддаваме почит на оние кои ги дадоа своите животи за победата над фашизмот и направија сѐ за да се приближи крајот на Втората светска војна. Во овој контекст, би сакал особено да ги одбележам хероите на Народно ослободителното движење на Македонија, кои се бореа храбро и одважно. Како што знаеме, во антифашистичката борба учествуваа над 100 илјади луѓе, а 66 од нив го добија највисокото одликување – Народен херој. Во редовите на македонските партизани се бореа и стотици наши сонародници, на кои денес им оддаваме особена почит. Денес, 75 години подоцна, историјата уште еднаш нѐ повикува сите на разум и будност, истакна амбасадорот на Русија.