Претставка против судијката Елена Илиевска – Јосифовиќ до Судскиот совет поднела денеска Наташа Димитриевска, сопругата на загинатиот Гоце во сообраќајната несреќа од пред две години кај Млечниот ресторан во Скопје. Таа реагира против пристрасноста на судијката Илиевска – Јосифовиќ која на обвинетиот му изрекла само условна казна од две години иако е виновен за тешката несреќа во која освен смртта на нејзиниот сопруг и таа била повредена и го загубила бебето.
Таа денеска изјави дека судијката воопшто не ги ценела доказите и дека возачот кој живеел во близина на несреќата најверојатно имал честа навика да преминува преку двете полни линии на улицата иако било забрането свртувањето.
Со претставка, Димитриевска ќе се обрати и до Советот на јавни обвинители со која ќе бара преиспитување на постапувањето на обвинителката која го водела предметот.