Селекторот Ангеловски скокаше од радост, а од денес веќе се спушта на земја

Синоќешната победа над Косово го растрча по теренот селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски. Со знаме во раката тој прославуваше со македонските фудбалери кои со добра игра, упорност и ладни глави ја донесоа Македонија во финалето на плеј-офот на Лигата на нациите.

Потоа, селекторот Ангеловски потсети: „најважниот меч за оваа екипа е против Грузија во ноември“.

– Сега нека се радува Македонија, но од утре мора да се спуштиме на земја. Прво имаме меч со Естонија, а за еден месец играме со Грузија. До финалниот меч ќе бидат направени сите анализи. Би сакал за тогаш сите играчи да ги имам на располагање. Не сме голема репрезентација и секое отсуство може да биде проблем – изјави Ангеловски по синоќешниот меч.

Тој вели дека оваа репрезентација создала победнички менталитет.

– Се враќавме против Италија и Словенија, а не загубивме глава по примениот гол. Тоа е заслуга и на фудбалерите и нивната работа во клубовите, бевме добро психолошки подготвени да се издигнеме и во ваква ситуација – изјави селекторот.

Изрази благодарност на сите за поддршката, но и за критиките.

– Сето тоа нè донесе до моментот да ја видиме Макеоднија после 30 години на едно европско првенство, вели Ангеловски.

Тој истакна и дека вчеравечер им недостасувале многу навивачите на арената „Тодор Проески“, но ќе сторат се за да ги израдуваат со пласман на Европското првенство.

Претходна вестСпасовски: Полицијата ќе делува по пријави на соседите и во соработка со обвинителството
Следна вестКучиња искасаа малолетник и 33-годишник во Аеродром