Претседателот Стево Пендаровски, упати порака по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
-Карактерот на еден народ се цени според неговото однесување во пресвртни историски периоди. За време на Втората светска војна, кога поголемиот дел од Европа беше окупиран, а милиони луѓе беа обесправени, фашизмот, на врвот на својата моќ, изгледаше застрашувачки. Токму во тие мрачни времиња, македонските граѓани имаа храброст да се соочат со најголемото зло на 20-от век.
На 11 октомври 1941 година македонските партизани го означија почетокот на народноослободителната борба. Станавме дел од антифашистичката коалиција и заедно со останатите праведници, ја избравме вистинската страна на историјата.
Борбата предводена од партизаните беше општонародна и надидеолошка. Во народноослободителниот фронт беа обединети мажи и жени од различна етничка, верска, социјална и идеолошка позадина. Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи, атеисти. Сите заедно се изборија за слободна македонска држава што подеднакво ќе им припаѓа на сите нејзини граѓани.
И денес, во вонредни услови поради пандемијата, 11 Октомври го празнуваме со чувство на одговорност и огромна благодарност. Благодарни сме на хероите за нивната жртва, но, имаме и одговорност да продолжиме да ја градиме Република Северна Македонија според концептот што тие ни го оставија во аманет. Бидејќи, чувањето на слободата е важно еднакво колку и самиот чин на ослободување.
Тогаш поразен, фашизмот, за жал, сеуште не е целосно искоренет. Оваа идеологија што ги исклучува различните, останува да биде најголемиот непријател на слободата на народот и вроденото достоинство на човекот. И денес треба да се бориме, секој поединец, независно од неговата припадност, да биде безбеден и почитуван. Затоа што еднакво вредни делови на нашата човечност не се само нашите сличности, туку и нашите разлики.
Антифашизмот е цивилизациска придобивка, но, антифашистички се и темелите на македонската држава. Како наследници на славната воена генерација, но, денес и како дел од НАТО алијансата со јасна европска перспектива, имаме одговорност да се спротивставиме на растечкиот расизам, дискриминација и неофашизам. А тоа се прави само на еден начин: со градење на демократска држава, во која граѓаните се еднакви пред законот, и нема недопирливи за правдата. Затоа е нужно, час поскоро, да се помириме и обединиме во изградбата на солидарно општество во кое ќе се почитува правото на достоинствен живот на секој македонски граѓанин. Со тоа ќе го дадеме нашиот придонес кон прогресивното, глобално движење за човекови права и слободи, за социјална правда и еднаквост се вели во честитката на претседателот