Oграничување на капацитетот во јавниот превоз за 50 проценти, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време за сите економски оператори до 23 часот, се мерките кои Комисијата за заразни болести од понеделник ќе и ги предложи на Владата за усвојување. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека очекува тие мерки да бидат прифатени со цел да се спречи големото ширење на корона вирусот кое што се случува деновиве во Македонија.
-Проценуваме дека со овие мерки сериозно ќе се забави и редуцира можноста за трансмисија на вирусот. Се таргетираат места каде има групирање затоа што голем дел од новозаразените „не знаат да кажат каде се заразени“, изјави министерот на прес-конференцијата.
Тој се надева дека Собранието следната недела ќе го изгласа и законскиот пакет кој ќе овозможи да се наметне обврската за носење заштитни маски на отворено, забрана за групирање по 22 часот и забрана за домашни собири.
Според епидемиологот Жарко Караџовски анализите покажале дека ковид-19 најмногу се шири на настани, концерти и забави.
-Притоа, најголем дел од присутните на овие настани, кои се на возраст меѓу 20 и 39 години, не носат маски и не ги почитуваат правилата за дистанцирање. Има и нов феномен на тајно организирање свадби во ресторани на кои гостите се групираат по четворица на маса и добиваат одделни фискални сметки, нагласи епидемиологот.
Караџоски предупредува дека со доаѓањето на сезонскиот грип шансите поради групирање во затворен простор ќе бидат поголеми и посочи дека засега не размислуваат за полициски час, но ако не се почитуваат правилата, не ја исклучува и таа можност.