Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика лидерите на релевантните политички партии, да седнат и да разговараат отворено за прашањето кое што денеска е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед Бугарија. Тој смета дека вакви сериозни прашања се решаваат на лидерска средба на маса.
-Тука пред се мислам на случувањата околу преговорите со нашиот источен сосед, тука мислам на пописот, тука мислам на катастрофата во економијата, дебаклот во образованието, не знам дали знаете софтверот кој што беше скапо платен не функционира, еве јас од прво лице можам да ви посведочам, за сето она кое што е погрешно од државата мислам дека е потребно не е една туку повеќе лидерски средби, и заеднички да излеземе со решение пред граѓаните. Затоа што на граѓаните им е преку глава од политиканство и политики. Граѓаните сакаат да видат став, стратегија и визија како ние ќе излеземе од ова. Не може ние да зборуваме дека блескаме, а суштината е сосема поинаква. Напротив, треба да седнеме и да покажеме сите зрелост. Нивото на телефонска комуникација е незрел потег. Се знае како се решаваат овие прашања, додаде тој.