Маж од Неготино во четвртокот го оставил своето три-годишно дете во градинка и заминал да се тестира за корона вирус. Неговиот резултат е позитивен. Мајката не се тестирала, а детето ќе биде тестирано- информираат од Центар за јавно здравје Кавадарци.
Во истата група во која престојува детето на позитивниот маж, денес е регистриран позитивен случај кај дете на три годишна возраст, кое било тестирано бидејќи пројавило симптоми.
Од центарот појаснуваат дека цела група од 13 деца е во изолација, како и воспитувачката и негователката.
Апелираат на почитување на мерките за заштита, и сите кои имаат симптоми да се изолираат и да го контактираат матичниот лекар, а не да се движат помеѓу луѓе.
Денес во Тиквешијата се регистрирани рекордни 20 позитивни случаи, од кои 15 во Кавадарци, три во Неготино и два во Демир Капија.
Две лица се хоспитализирани, а помеѓу инфицираните има и медицинска сестра.
Дури петнаесет од нив не знаат од каде се заразиле, додека пак само пет навеле дека биле во контакт со веќе позитивен пациент.