Ќе подразмисли ли Владата уште еднаш за носењето маски на отворено?

Ќе се донесе ли најавената мерка – задолжителното носење на заштитни маски постојано на сите отворени простори? Ова се прашуваат скопјани деновиве и чекаат како ќе реагираат здравствените власти и пред се Владата и Парламентот.

Додека чекаат, голем дел од граѓаните на социјалните мрежи си споделуваат мислања дека дефинитивно нови построги мерки треба да има, но дека оваа со маските е престога, а и нефункционална. 

-Па нели вирусот се распространува во затворени простории. Како сега наеднаш стана опасно и кога си сам на да речеме кејот на Вардар? Оваа мерка не е добро осмислена, и ќе биде лоша по нашето здравје, напиша еден скопјанец на Фејсбук.

Несоодветноста на мерката го покажуваат досегашните искуства на граѓаните со носењето на заштитни маски, но и ставовите на медицинските експерти кои предупредуваат дека постојаното носење може да предзивика последици по здравјето на граѓаните.

Таков став неодамна за „Скопско ехо“ искажаа и микробиологот Никола Пановски и инфектологот Вело Марковски. Во интервјуто за „Скопско ехо“, веднаш по првите најави од здравствените власти дека е можна ваквата мерка, докторот Никола Пановски ни рече дека апсолутно не се согласува со таа најавена обврска.

-Тоа е мерка која е спротивна на научните сознанија, спротивна на она што се случува во практиката. Сигурен сум дека нема да се донесе, а не требаше ни да се споменува. Главен начин на пренос на овој вирус е респираторниот, преку капки и аеросоли. Инфективната доза е релативно голема, треба стотици вируси да навлезат за да предизвикаат инфекција, за разлика од вирусите на морбили, варичела и вариола, каде и една честичка е доволна. Затоа вирусот многу потешко се пренесува на отворено или во големи простории. Кога шетаме сами, се извинувам, ама смешно е и да помислиме дека можеме да се заразиме, потенцира Пановски.

Тој објаснува дека во затворен простор каде има мал волумен на воздух, а повеќе луѓе, маската е корисна, но носењето на маска е мачна работа, ако е носи подолго време.

-Се разбира не и без реперкусии на органите за дишење, имунитетот, оксигенација на крвта. Затоа е многу важно, маската да се носи само кога е неопходна, а надвор ако сме сами само при загаден воздух, наведува овој микробиолог.

Инфектологот Вело Марковски, пак, рече дека ова ќе предизвика лоши последици по здравјето на граѓаните.

-Носењето на маски на здрав човек е штетно. Главен одбрамбен механизам кај нас е нормалната флора која ја имаме во устата. Со постојаното носење на маски нашиот организам ќе биде во хипоксија и можно е да се направи промена во таа флора. Голем процент од нас носиме стафилококус ауреус, тоа е една од бактерии која може да ни направи долнореспираторна инфекција која во 20 отсто од случаевите е смртоносна. Организмот во нормална ситуација ја исфрла таа бакерија но сега заради употребата на маска таа може да се врати и тоа е голем ризик. Мислам дека е ова многу лошо решение кое што се предлага, предупреди Марковски.

Владата се уште има време да подразмисли за оваа мерка. Ако се одлучи да ја воведе треба добро да образложи како корона вирусот се пренесува на разминување со луѓе на отворено или кога си скоро сам на улица. Граѓаните треба да знаат…

 

Претходна вестПолицијата ревносна за маските: Казнети 796 лица
Следна вестЗаев: Димова мора да понесе одговорност