Ново предупредување дека носењето на заштитни маски на отворено не е добра опција, упати синоќа инфектологот Вело Марковски. Во интервју на ТВ21 тој објасни дека со тоа се спречува исфрлањето на микроорганизмите на нашето тело.
– Исфрламе милијарда микроорганизми со кивање. Сега ние одеднаш правиме нова состојба. Не дозволуваме да излезат од нашето тело, и цело време ги вдишуваме. Да не зборуваме дека белите дробови се главниот контролор на ПХ на крвта. Сега и тоа го компромитираме. Имаме проблем со децата. Ајде кога возрасен не може да диши, ќе ја трне маската, ама детето не може, и тука настанува проблем. Така да, носење на маска е штетно. На отворено зборувам, рече Марковски.
Тој неодамна, исто така, укажа дека носењето на маски на здрав човек е штетно.
-Главен одбрамбен механизам кај нас е нормалната флора која ја имаме во устата. Со постојаното носење на маски нашиот организам ќе биде во хипоксија и можно е да се направи промена во таа флора. Голем процент од нас носиме стафилококус ауреус, тоа е една од бактерии која може да ни направи долнореспираторна инфекција која во 20 отсто од случаевите е смртоносна. Организмот во нормална ситуација ја исфрла таа бакерија но сега заради употребата на маска таа може да се врати и тоа е голем ризик. Мислам дека е многу лошо решение кое што се предлага за носење на маски на отворено, предупреди тој.
Инаку, во синоќешното интервју Марковски рече дека ова што сега почнува со голем број на позитивни случаи, можеби е почеток на епидемија, и дека ова досега не било епидемија. За него било апсурдно да се носат такви карантински мерки со затворање кои донеле повеќе штета.
– Апсурдно беше да се носат такви мерки како затворање, карантини, вонредни состојби, си направивме огромна штета. Ова што почнува сега можеби е почеток на вистинска епидемија, ова до сега – не беше, објасни Марковски.
Тој смета дека ПЦР тестовите кои се бараат за да се оди во друга држава, се голема грешка, и дека требаат и серолошки тестирања.