Бесплатна нега и помош на повозрасните изнемоштени лица, како и на лицата со попреченост, е дел од договорот за подобрување на социјалните услуги кој денеска го потпишаа градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.Во договорот партиципираат општината Кисела Вода и МТСП, Светската Банка, како и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Хера.
Договори за грантови за развој на социјални услуги потпишаа општините: Карпош, Берово, Чаир, Липково, Демир Капија, Ново Село, Василево и Кисела Вода. Преку вработување на негуватели, оваа категорија на лица негата ќе ја добиваат во своите домови. Услугата опфаќа помош во вршење на основни активности-одржување на лична хигиена, облекување, мобилност во домот, хранење, користење на тоалет, како и поддршка во остварувањето на инструментални активности- чистење, перење, готвење, купување на продукти, земање на медицинска терапија и остварување на надворешна мобилност.
Помошта во остварувањето на активности од секојдневниот живот на лицата со намален функционален капацитет кои не можат да се грижат за себе, ќе им овозможи да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата.