Нова решетка беше поставена пред два дена на улицата „16- та Македонска бригада“, но вчера наутро граѓаните сериозно се разгневија откако видоа дека истата преку ноќ пак е откорната и дека сериозно има опасност да ги искршат автомобилите.
Екипите на „Улици и патишта“ експресно реагираа па веднаш беше поставена нова, за да не се уништуваат возилата а и да не биде неупотреблива улицата. Но, очигледно ова не го решава проблемот, па нема никаква гаранција дека преку ноќ решетката нема пак да биде украдена, додека никаде во близина нема камери за да може да се фатат оние кои ја крадат.
Но ова не смее да биде оправдување за надлежните. Имено доволно е стражарски екипи една или две вечери да го набљудуваат теренот или пак да се постават камери. Надлежните не би смеело да се помират со ситуацијата и само да ги охрабруваат граѓаните да пријавуваат ако нема решетка.
-Зарем тоа е солуцијата, некој да краде вие да поставувате, и до кога така? Што ако од таа сериозна дупка во асфалтот некој возач заврши трагично?! Ќе одговара тој што ја украл решетката а вие не знаете кој е, или тој што го одржува патот а не поставил камери или стражарски служби?! – прашуваат скопјани на социјалните мрежи.
Надлежните до овој момент поинакво решение не понудиле.
А за крадците нема што да се зборува, од нив совест не треба да се очекува, единствено може да им дојде ако седат малку зад решетки.