Меѓународниот консултант за дипломатски протокол Лукреција Маљковиќ – Атанасовска од телевизиите бара да даваат содржини кои ќе ги инспирираат гледачите.
Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?
–Со оглед дека живееме во едно мошне стресно време, најголемиот дел од луѓето се залепени до екраните следејќи ги најновите случувања. Не ни остана многу време за програми кои треба да не насмеат и расположат, а за жал такви речиси и нема на екраните. Би сакала да можеме да гледаме повеќе наша продукција и забавни емисии, научни програми и светски спортски натпревари кои некако исчезнаа од телевизијата ако споредувам со некои минати времиња кога ги знаевме сите светски имиња.
Се‘ повеќе слушам од мои пријатели дека воопшто не вклучуваат телевизор или не гледаат телевизија, што значи дека телевизијата како медиум го губи чекорот со новите средства за информирање, а и скопјани едноставно сакаат одмор од она што секојдневно не‘ опкружува. Јас сум претежно „залепена“ на сателитски канали, сакам да го следам светот во 21 век, научните документарци ми се врв, а гледање фестивали од пред дваесет години за мене е губење време.
Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
-Немам трпение за синхронизираните странски програми и за политичките дебати. Знам дека професијата ми бара да бидам во тек со настаните, но избегнувам се‘ што ми создава дополнителна нервоза, било заради темата било заради начинот на кој тече емисијата. И немам трпение за оние емисии со телефонски јавувања на гледачите, искрено. Се‘ она што не е непријатно за очи и уши, што ви го потценува интелектот, се‘ што ви го убива духот и ви го „пере“ мозокот треба да го избегнувате. Програмата треба да ви е пријатна, да ве инспирира, да научите нешто ново или да го потврдите она што го знаете, со еден збор, треба да уживате.
Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
–Како прво, треба да е интересна темата. Ние како да ги игнорираме климата, глобалното затоплување, природата, загадувањето… Потребни ни се патеписни репортажи, забавна програма, документарни филмови, емисии за уметноста, концерти, здрави и издржани „ток шоуа“. Ми фали времето кога се знаеше што е детска емисија, а кога програмата за возрасни. Кога викендите беа исполнети со забавна програма, музика, уметност, квизови и по некој добар филм. Редно е малку да избегаме од политичките теми, короната и вестите … Тоа не знали дека треба да ги затвараме очите пред реалноста, но улогата на медиумите е и да ни ги проширува хоризонтите…
Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
–Ни треба емисија која ќе ги покрива скопските теми. Скопје не е само нов асфалт и нови контејнери. Потребна некаква скопска хроника која ќе ги опфати и проблемите на граѓаните, ќе се осврне малку на историјата на градот, ќе се претстави некој скопски лик и ќе се даде еден преглед на културните и другите настани во престолнината. Скопје се загуби некаде во последната деценија, неговите одбележја, па дури и скопскиот сленг замира. Време е некој тоа креативно да го заживее и би сакала таквата емисија да биде на скопскиот дијалект, кој некако исчезнува.