Во бункер во Бутел чувал голем арсенал на оружје и дрога

Многу оружје и дрога чувани во бункери во скопската населба Бутел е причина заради која 24-годишен скопјанец е обвинет од Основното јавно обвинителство – Скопје. Тој се товари за кривичните дела – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции.

Во обвинението се наведува дека тој во текот на април годинава, во импровизирани бункери од пластични цевки, закопани во земја во пошумениот дел меѓу улиците „Алпи“ и „Коце Металец“ во Скопје, неовластено држел поголемо количество оружје и муниција, како и наркотична дрога – хероин.

-Во импровизираните бункери и околу нив биле пронајдени автоматска пушка МПИКМ со пластичен кундак и калибар 7,62х39 мм, 27 куршуми за таа пушка, полуавтоамтска снајперска пушка „Црвена застава М75“ со калибар 7,9 мм, автоматски пиштол  ВЗ61 скорпион со калибар 7,65 мм и со нарежан навој и монтиран пригушувач, 34 куршуми со калибар 7,65 мм, автоматско оружје – пушка од албанско производство со калибар 7,62Х39 мм, една празна рамка и една рамка со 18 куршуми од тој калибар, полуавтоматско оружје БЕРЕТТА Цџ4 сторм со калибар 9 мм, автоматско оружје – пиштол „Застава М84 скорпион“ со калибар 7,65 мм и со нарежан навој и монтиран пригушувач и со рамка со 20 куршуми од тој калибар, како и полуавтоматско огнено оружје  – пушка „Застава М76“ со калибар 7,9Х57 мм со монтиран оптички нишан. Освен ова, во пластично буре била пронајдена наркотична дрога – хероин со вкупна нето количина од 2.382,1 грам, спакувана во пет полиетиленски пакувања.

Надлежниот јавен обвинител поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор до Основниот кривичен суд Скопје, поради опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори делото.

Претходна вестАдеми нема да игра против Грузија, Ангеловски го повика Тотре
Следна вестПриведени две мочиња кои уценувале 19-годишна девојка