Центар ги пушти во употреба првите повратни вендинг машини за рециклирање

Од денес, во рамки на проектот „И отпадот има вредност!“ на ЈП ПОЦ и општина Центар пуштени се во употреба првите повратни вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки поставени на седум локации на територија на општина Центар.

Првите 7 машини за рециклирање се поставени пред бараките на општина Центар, кај слаткарница Апче, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, затворено паркиралиште „Зелен пазар“, во ГТЦ и затвореното паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец, а до крајот на годината ќе бидат поставени вкупно 27 машини.

Преку повратните вендинг машини жителите на Општина Центар ќе можат да рециклираат ПЕТ пластични шишиња и лименки, за што ќе добијат субвенции од Општина Центар на нивната GreenPay платежна картичка. Се работи за нова картичка која ќе ја замени постоечката М-карта и ќе овозможи многу повеќе поволности. Освен најава на гости, со GreenPay картичката жителите ќе имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да пазарат со попусти во зелената мрежа на локали кои се приклучија во овој проект – маркети, ресторани, кафеани, кафулиња и бутици.

-Направивме стратегија која ќе го помогне семејниот буџет на секое семејство во Општина Центар, ќе ја поттикне локалната економија, а воедно ќе биде корисна и за животната средина. Создадовме зелена мрежа од маркети, кафулиња, кафеани, бутици и ресторани каде со плаќање преку GreenPay картичката ќе може да се пазари со попуст од 3, 5 и 7 отсто, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски на денешната виртуелна презентација на проектот.

За секое рециклирано пластично шише или лименка од 0,25 до 0,75 литри жителите ќе добиваат 0,5 денари, за шише од 1 до 1,75 литри добиваат 1 денар, а за шише од 2 до 2,25 литри, 1,5 денари.

Општина Центар ќе субвенционира средства со вкупен износ од 12 милиони денари за жителите кои ќе се вклучат во процесот на рециклирање и на овој начин дополнително ќе ги мотивираме преку сопствен пример да влијаат во подигање на свеста за зачувување на животната средина, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Жителите на Општина Центар веќе од денес можат да аплицираат за GreenPay платежна картичка во катната гаража „Судска Палата“ на ЈП ПОЦ, со приложување на лична карта и барање за договор. Во следните денови ќе биде отворена и можноста за онлајн аплицирање преку ПОЦ мобилната апликација и веб платформата www.poc.mks

Претходна вестЗа една недела смртноста од вирусот се зголеми за 41,1 процент
Следна вестПриведени татко и син, дома криеле „калашникови“, митралези, пиштоли, бомби, муниција…