Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и денеска не се ja уважи поканата на парламентот да присуствува на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи за да се расправа за блокадата од соседна Бугарија. Но, сепак неговиот лик беше присутен на седницата. Имено, Антонијо Милошоски го „донесе“ во собраниската сала неговиот лик претставен на стиропорот и го постави на масата каде требаше да се расправа.
Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Милошоски сето ова го објави на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук на која ги објави и заклучоците кои ќе бидат предложени за усвојување на седницата на Комисијата.
Тие се следни:
о Собранието ги осудува позициите содржани во Објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции, како спротивни на Повелбата на Обединетите нации од 1945-та година, во која една од целите е развивање на “пријателски односи меѓу нациите засновани врз принцип на почитување на еднакви права и самоопределба на народите”, право кое неделливо му припаѓа и на македонскиот народ .
о Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската Комисија и до Европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.
-На Комисијата уредно се поканети и министерот Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Димитров, во чии работни обврски спаѓа и отчетноста пред пратениците како народни избраници, што е воспоставен европски стандард на контрола на законодавната врз извршната власт – напиша Антонио Милошоски на ФБ пред почетокот на седницата на Комисијата.