На десеттина месеци до локалните избори, Општина Карпош, односно нејзиниот Совет изгласа одобрување на проект за партерно уредување на пешачката зона кај платото „Порта Влае“. Веднаш потоа со соопштение општината објасни:
-Основниот проект е во завршна фаза на изработка, според кој ќе бидат реконструирани 14.380 квадратни метри. Просторот ќе биде корегиран, каде што ќе бидат поставени нови гранитни плочки и дополнителна заштитна хидроизолација, а ќе биде соодветно решено и одводнувањето на површинската вода од платформата. Поради обемот на работа, проектот ќе тече во две фази при што почетната е во април 2021 година, а конечната реализација се очекува да биде во август 2022 година, соопштуваат од таму.
Поздрав за ваквата одлука стигна од карпошани, но и забелешка: зошто се чекаше да дојде крајот на мандатот, пред избори, наместо толку мала и ефтина интервенција да се направеше многу порано?
-Ако е во две фази, распределни временски и за 2022 тогаш ова е само популизам во најава, оти ако градоначалникот не биде реизбран ова нема ни да биде завршено! Зарем малку проекти пропаднаа оти ги почна едната власт, а за инает не ги доврши другата?!- коментира во електронската пошта на „Скопско ехо“ Мила Н. која живее во Карпош 4.
Но Карпош не е единствената општина која последниот период е „фрлена“ на уредување и работа. Изминатите месеци истовремено се прават сите клучни скопски сообраќајници, но и споредни улицчки,а градоначалниците ги полнат медиумските сандачиња со известувања, небаре прават некоја вонредна акција.