Партијата „Глас за Македонија“ бара оставка од Владата поради како што потенцираат, фијаското на нејзината стратегија, по блокадата на Бугарија.
– Глас за Македонија во целокупниот претходен период укажуваше јасно и гласно, дека стратегијата на жртвување на националните интереси ќе доведе до целосен пораз на надворешната и внатрешната политика. Тоа во моментов значи и национален и безбедносен ризик по државата. Последицата од овие политики е ослабување на македонското народно јадро, сведувајќи го во северномакедонските административни граници со северномакедонски атрибути. Тоа значително ја ослабе нашата меѓународна позиција. Ќе треба голема политичка волја и напор за санирање на грешките на оваа Влада. Овие грешки ги увидоа дури и досегашните гласноговорници на нејзината политика. Премногу доцна, стои во партиското соопштение.
Оваа партија истакнува дека идентитетските прашања за македонскиот народ, како и за кој било друг народ, имаат суштинско значење и неограничена вредност и во однос на нив не треба да има никакво отстапување.
– Почитувањето на разликите и на спецификите во идентитетот, историјата, културата, јазикот и традицијата на македонскиот народ, како впрочем и на кој било друг народ, мораат да бидат основа за натамошното надворешно-политичко дејствување. За жал оваа прва лекција која е вградена во сите устави на светот, Владата ја пропушти. Не можеме да очекуваме дека носителите на ваквата пропадната политика имаат кредибилитет, знаење, и волја за создавање на нова национална стратегија. Тие ќе продолжат да се движат по патот на отстапки кон уценувачите, чии барања нема да сопрат, потенцираат од Глас за Македонија.