Државната матура ќе се спроведе следната година со поедноставени програми и поедноставени прашања, соопшти на денешната прес-конференција Мила Царовска, министерка за образование. Таа одговори на новинарското прашање врзано за бојкотот на наставата на дел од матурантите во средните училиште кои бараат следната година да не се полага овој завршен испит за средношколците.
-Во Министерството утврдивме дека треба да ја менуваме концепцијата и на тоа забрзано работиме. И оваа година воведовме свежина и новини кои беа заеднички предложени со учениците. Токму на тој начин и оваа учебна година ќе ја спроведеме државната матура. Програмите се поедноставени, исто така, и прашањата се поедноставени согласно на условите во кои треба да се изведе оваа матура. Важно е да бидеме дел од развиените држави заради тоа што минатата година ние бевме негативен исклучок заради тоа што не можевме да ја спроведеме матурата, рече Царовска.
Таа додаде дека неодржувањето на државната матура направило големи проблеми на учениците.
-Проблеми имаа ученици кои требаше да се запишат во високото образование во нашата држава и ја искомплицира состојбата на учениците кои требаше да се запишат надвор од државата. Голем дел од нив не успееја да аплицираат надвор затоа што немаа положено матурски испит. Секаде во развиените земји за зокружување на средното образование потребно е да имате положен матурски испит затоа што е потребна валидација на знаењата кои што сте ги стекнале во периодот на четирогодишното средно образование, потенцира таа.
Инаку, вчера дел од матураните во неколку скопски гимназии продолжија со бојкотот на наставата барајќи да не се полага државна матура. Според неофицијалните сознанија наставата ја бојкотираат дел од учениците во гимазиите „Никола Карев“,„ Ѓорѓи Димитров“, „Раде Јовчески – Корчагин“ и „Јосип Броз“ кои на ваков чекор се решија минатиот петок. На бојкотот, според најавите, од денеска е можно да се приклучат и учениците од „Орце Николов“, „Борис Кидрич“ и ГУЦ. Со транспарент на кој беше испишана паролата „Ако сме ние вашата иднина, зошто стоите на нејзиниот пат“ околу триесетина ученици се собраа вчера во дворот на средното училиште „Панче Караѓозов“.
-Образованието се одвива во форма на забрзан онлајн курс со полагање на истиот во најбрз можен рок. Поради доцниот старт на учебната година приморани сме да го надоместиме едномесечниот изгубен материјал, паралелно учејќи го новиот и тоа на скратени часови во неефективни услови. Како прв аргумент ќе го искажеме проблемот со оскудната програма за општообразовни предмети, одобрена од МОН. Овој проблем најмногу е изразен во средните стручни училишта и истиот се провлекува со години. Ние бараме да се укине државната матура и да се овозможи еднаков праведен систем за упис во високото образование, изјави Ристе Петров, претставник на движењето Глас на средношколците.