Градот Охрид е украс на Македонија. Ама, се што дала природата и претходните генерации, сегашнава го гази, запустува…
Како никогаш досега Охрид доби најконкретни забелешки од УНЕСКО за сето она што го загрозува неговиот статус на светското природно и културно наследство. На цели 200 страници се бара отстранување на дивопоставените објекти во градот и надвор од него, целосна забрана за градба, заштита на стара градска архитектура… Практично, наброено е сето она што се натрупувало во изминативе години и што го нагрдувало градот и подрачјето, а што надлежните не го спречувале иако биле обврзани на тоа.
Сега веќе нама бегање од обврските и УНЕСКО порача дека ако се сака задржувањето на досегашниот статус ќе мора и да се смени односот кон Охрид и Охридското езеро. Е, да нема бегање, ама сега треба во Владата и во Општината да седнат и да ги прочитаат тие 200 страници… По една минута страна да читаат – се чини многу. За функционери заседнати во фотелји тоа ти е како пак факултет да треба да завршат.
Охридските општинари вчера со соопштение се обидоа да објаснат дека нешто направиле како активности за да запре деградација на градот и регионот. Бил усвоен План за управување, запрена изградба на ски-центарот на Галичица, на експресниот пат Охрид – Свети Наум, почната е реконструкција на Колекторскиот систем, заштита на сливот на езерото, направен е инвентар на бесправно направени објекти, почнато е со уривањето за првпат по 17 години, ќе почнат да се носат ДУП-ови за селата….
И ова наброеново од општината изгледа многу. Цел ферман за читање.
Но, ете УНЕСКО вели Охрид е загрозен. Тоа впрочем го гледаме и ние при секоја прошетка во тој крај од Македонија.
Дали некој сериозно ќе го проучи напишаното и ќе заврши нов факултет ќе видиме наскоро. Опасноста е да не се направи од извештајот на УНЕСКО некоја кратка скрипта (што е вообичаено на нашите факултети) што се чита набрзина за 50-тина секунди, како што набрзина се прават парцијални акции и уривања на две-три дивоградби пред камерите и се мисли дека Охрид е на пат да биде сочуван.