Нови сообраќајни проблеми на некои од крстосниците во Скопје. Не, не се овој пат проблемот дупките туку насилниците…
Имено, на скопските пешачки премини, посебно на оние кај Црвен Крст и кај МАНУ, демнат лица кои сакаат да „опелешат“ возач. Најчесто двајца во тандем, ненадејно скокаат пред одредено возило, симулираат дека се удрени и потоа го уценуваат возачот да им даде пари за да не викаат полиција и да не поднесат тужба против него. Неколкумина возачи веќе наседнале на вакви измами плаќајќи 3.000 денари и повеќе.
Случаите зачестуваат, измамници се појавиле и во Струмица, што значи дека измамите мора да се спречат додека не добијат голем замав.
На потег треба да е полицијата, да ги најде и санкционира овие измамници без оглед на тоа колку тешко е да се докаже ваков вид измама. Малку сведоци, вообичаено сфаќање дека возачот е виновен на пешачки премин… прават тешкотии за докажување, но измамите се измами и може да се запрат само со ефикасно санкционирање.
Но, дали полиција ќе реагира брзо? Прашањето е логично ако се сетиме на фактот дека веќе подолго време крстосниците и други прометни места на скопските сообраќајници се „заземени“ од питачи, од продавачи на дребулии, од чистачи на шофершајбни… и тоа полицијата тешко го средува.
Оттаму, не е за изненадување тоа што сега на сообраќајниците се појавија и другите лица кои смислиле како да земат дел од парите од граѓаните.