Пендаровски предложи, но ВМРО-ДПМНЕ одби одложување на пописот за мај или јуни

Без успех заврши обидот на шефот на државата Стево Пендаровски да се постигне компромис меѓу власта и опозицијата за одложување на пописот на населението за во мај или јуни годинава. Предлогот на Пендаровски со тоа да се најде заедничко решение експресно беше одбиен од страна на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Во интервјуто за ТВ24 шефот на државата рече дека верува оти може да се направи компромис.

-Се обидувам да направам мост меѓу двете политички опции. Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од се друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот да не затвораат врата од некаков страв, проблем ли е? Нека биде тогаш пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Ако сме чекале 20 години, нема да е крај на светот ако биде во мај или јуни, но да го направиме за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот, рече Пендаровски.

Бојкотот на пописот, оцени Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ може само да и нанесе повеќе штета. Според него, поиздржано би било да не се признаат резултатите, отколку да се бојкотира процесот.

На ова брзо реагираа од опозициската партија.

-Пендаровски е лицемерен. Ако толку беше загрижен за пописот немаше да биде крај на светот доколку му се спротивставеше на Заев и не го потпишеше Законот за фалсификат попис. Самото барање на Пендаровски за одложување на пописот е признание дека власта не е спремна за легитимен попис и дека барањата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со пописот се оправдани. Сегашната негова реакција е задоцнета, истакнаа од ВМРО ДПМНЕ.

Оваа партија од денеска почнува со постапката за собирање потписи за поништување на Законот за попис, а се почнува со Иницијатива за собирање 100 потписи во подрачните едниници на Државната изборна комисија. Откако ќе се соберат 100 потписи се доставуваат до спикерот во Собранието, а потоа иницијативата се препраќа во матични комисии. По констатирањето на комплетноста на првите 100 потписи тогаш се известува претседателот на Собранието и по што ќе течат натамошните постапки за собирање на потписи за поништување на Законот за попис.

Претходна вестПо утринската магла – сончево со умерена облачност
Следна вестЛекција од вистински љубители на природата: Не можат тие толку да загадат, колку што ние можеме да исчистиме