Многумина скопјани фрлаат ѓубре каде ќе стигнат. Но има и скопјани за пофалба – одат и тоа го чистат. Некој тоа го прави сам, некои се групираат и тргнуваат во чистење.
Еден настан, една средба на паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“, па уште една, биле доволни да започне едно неформално и повремено дружење но и чистење, на просторот преполн со отпадоци. Сето тоа се проткае и со шеги, деца и игра и по некоја песна. Примарната цел е да блесне природата во својот природен сјај, без разлика дали станува збор за Водно, кеј, Парк или пак локално двоче пред зграда.
Вака започнала приказната зе една од новите, се побројни, групи на скопјани кои се организираат доброволно и самоиницијативно со цел да се чисти загадениот простор. Зад нив се веќе повеќе акции. Најмногу на Водно, кое го сакаат многу, многу и не сакаат да се помират да биде претворено во депонија со отпадоци.
-Ние сме ентузијасти, љубители и пријатели на природата пред се. Мотивот за ова што го правиме е внатрешен и надоврешен. Внатрешниот од себеспознавањето и прочистувањето на сопствениот дух, ум и тело. Надворешниот го осознаваме преку сетилата. Ѓубрето е наше, не ви го даваме. Сите фрламе, нема некој што не фрла. Човекот е крајно неодговорно битие, со премногу несвесни постапки, најмногу на сопствена штета, се до оној момент додека не падне и ја осети извалканоста, и да се освести, ни објаснува Владимир Сикавица, планинар и еден од членовите во групата.
Акциите, засега, најчесто се организираат на Водно. Ги чистат паркинзите, паркчињата, навлегуваат во доловите, чистат покрај самите патишта. Се завлекуваат меѓу тесни гранки и трње, честопати што се вика со кал до гуша, вадат и троседи и двоседи... Чистеле и покрај градежна депонија на последна 5–ка во Аеродром.
-Ѓубрето кое го гледаме околу најмногу се должи на сопствената домашна некултура и неодговорност која ја имаме стекнато од најмали од своите најблиски, и тоа така од генерација во генерација се провлекува и проткајува. Огромна заслуга има и самата држава со сопствената неодговорност, со немање закони и неспроведување на веќе постоечките, недоволно ангажирање на кадри за спречување на загадувањето така и со недоволната ангажираност да се организираат акции за средување на веќе постоечките диви депонии кои што ги имаме насекаде, вели Владимир за „Скопско ехо“.
Од групата ни велат дека дома се враќаат „извалкани како прасиња“, но и среќни и задоволни, исполнети со позитивна енергија која трае и не води до наредната средба. Се уште немаат заедничко име, но и тоа ќе биде наскоро.
–Ништо не е случајно, ништо не е беспотребно. Не можат тие толку да загадат, колку што ние можеме да исчистиме. Планираме да започнеме и со засадување на дрвца после секое чистење што може побргу да придонесе да се врати местото во првобитната природна состојба. Секоја иницијатива е добредојдена и ќе придонесе за почист град, ни ветуваат Владимир и сите членови на групата, кои се вистински вљубеници во својот град.