Вкупно 36 пешаци вчера биле казнети на скопските сообраќајници од страна на полицијата во рамките на интензивните контроли што се прават во последен период. Ова е невообиачено висока бројка на санкционирани граѓани кои најчесто прават сообраќајни прекршоци со поминување на улица на неодбележан пешачки премин или на црвен сигнал на семафорите.
Во изминативе денови во дневните полициски извештаи немаше наведено казнети пешаци. Сообраќајните експерти се неподелени во мислењата дека пешаците се една од понедисциплинираните категории на учесници во сообраќајот.
Инаку, вчера полицијата казни вкупно 253 возачи мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 14 санкции, 12 за технички неисправни и нерегистрирани возила, 24 мерки за користење на мобилен телефон. Изречени се осум санкции за минување на црвено светло, 24 за некористење сигурносен појас и 61 казна за непрописно паркирани возила.
-Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот, велат од МВР.