Заев и Царовска слушаа: Се побара повлекување на реформата, задржување на посебните предмети, департизација на образованието…

Критички забелешки, барања за повлекување, противење на воведување на интегрирани предмети, зачувување на посебни предмети историја, хемија, физика… се слушнаа во денешната расправа во македонскиот парламент околу предложената Нацрт-концепција за промени во основното образование на која беа присутни премиерот Заев и министерката Царовска.

Научниот советник и професор Јован Донев истакна дека образованието е огромна сфера и има тука многу интереси – и бизнис-интереси и политички и идеолошки интереси.

– Кој ќе ја спроведе оваа голема реформа? Ние сите овде што сме продукти на процес што не чинел? Ние не сме на тоа ниво за да можеме да спроведеме вакви исклучително сериозни реформи. Од друга страна, образованието е политизирано, директорите се политички поставени. Наставниците, кој ги прима на работа? Политизацијата е сериозен проблем. Има квалитетни луѓе меѓу нив, се разбира, но ако имате партизација во системот, тогаш како ќе ја направите реформата? И третиот сегмент кој е исто толку важен е корупцијата во образованието, рече проф. Донев.

Професорката Весна Јаневска, претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ изрази сомнеж дека новата концепција ќе донесе резултати. 

-Предложената концепција за основното образование, поради многуте негативни реакции од страна на стручната јавност треба да се повлече. И при идни концепти треба да се напушти концептот на интегрирани предмети и задолжително да се консултираат сите образовни институции. Треба да се започне со изработка на нови наставни планови и програми, да се донесе нов закон за изработка на учебници, да се побара реформа на наставничките факултети, за усогласување со новите наставни планови и програми, изјави Јаневска.

Таа укажа и на погрешен момент во кој се предложи промената.

– Во вакви моменти кога се оспорува историјата не ли се изврши лоша проценка по последиците на националните интереси или пак е тенденциозен чин за други цели? Дали не се поткопуваат националните позиции во време кога Красимир Каракачанов бара да ни се промени образованието, потенцира Јаневска.

Академик Владо Камбовски, пак, зборувајќи за интегрирани предмети го наведе примерот со Велика Британија.

-Во Велика Британија во 1960 година предметот историја исчезна од наставниот план, а после 30 години се врати во наставниот план. Британците се решиле на ваков чекор бидејќи историјата им помогнала на учениците за разбирање на минатото, да размислуваат критички, да трагаат по докази, да го осознаат процесот на промени, нагласи Камбовски.

Тој побара да се вклучи една листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја, и физика и хемија.

Пред овие говорници збор зема и премиерот Заев.

-Овие денови се слушаат гласови дека брзаме со образовната реформа. Моето мислење е спротивно – ние доцниме со реформите во образованието. Тие требаше да се случат пред десетина години зашто како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите општествени сфери. Но, кога велам доцниме, истовремено велам дека и нема да избрзаме, изјави денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето со кое почна јавната собраниска расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование.

Што значи ова тврдење на Заев дека нема да се избрзаат реформите засега остана нејасно.

 

Претходна вестНе сме само ние: И Бугари пробале да минат граница со лажни потврди за ПЦР тестови
Следна вестБлиску до закон со кој недела ќе биде неработен ден