До каде сме со вакцините? Се уште не се знае кога тие ќе пристигнат. Секој ден имаме нова најава, дека деловите за фружидерите се дојдени, дека се разговара за брзо доаѓање и на вакцините, дека еве законските измени се направени, дека еве договор наскоро ќе потпишеме, дека еве план е направен… Едноставно, секој ден сме бомбардирани со најави, најави…
Плус нашите власти цело време гледаат кон незаменливата наша алтернатива – ЕУ, а од таму, од Брисел, никој не можеше да каже кога механизмот познат како Ковакс ќе стане оперативен. Да најави имаше и од таму…
Инаку, гледаме земјите од ЕУ се вакцинираат веќе втор месец, а многу успешна е и Србија која според нашите политичари е изолиринана земја. И така, Македонија ќе чека на испорака на вакцини од „Фајзер“ кои ги договориле нашите власти, ќе почека и на кинеските – за кои се сетија предоцна.
Зошто нашите власти не работеа поефикасно, поодговорно?
Очигледно, нашите дебело платени власти не го положија тестот. Уште кон крајот на минатата година, кога почнаа регистрирањата на вакцините, беше време за тоа, но… Надлежните во тој период единствено се ориентираа кон Ковакс-механизмот кој сега доцни и со тоа ги испуштија шансите за договори за набавка на вакцини од други земји. Во тој период имаше понуди за договори од Русија, од Кина… но тие не се сфаќаа сериозно. Гордо се кажуваше дека сме аспирант за ЕУ и дека сме во НАТО. Да не зборуваме дека од ЕУ веќе трчаат кон Кина и Русија.
-Вакцините можеа уште многу порано да се набават. Рускиот амбасадор им ја понуди „Спутник 5“ уште пред неколку месеци. Се крстеа во Ковакс-механизмот преку кој многу земји во светот добија вакцини, но не и Македонија. Зарем е тоа добра стратегија за набавка на вакцини?! Наместо примери да гледаат во Израел и Србија министерот Венко Филипче и владата само изговори наоѓаат. Епа доста ми е од изговори! Јас сум граѓанин на оваа земја, а властите не се борат за моето здравје. Комплетно сум разочарана со раководењето на целата ситуација со Ковидот а демонстрирањето на голема неспособност со набавката на вакцините дојде како вишна врз шлагот на горчливата торта. Здравствениот систем не одговори во задоволителна мера на корона кризата. Функционален е благодарение на доктори поединци и поедини директори на некои болници, смета граѓанката Билјана Чекреџиева Толевска.
Наместо набавката да биде приоритет од редовите на наши функционери се слушнаа и апсурдни објаснувања. Прво премиерот Зоран Заев се правдаше дека тоа „не е натпревар“ а деновиве министерката Радмила Шекеринска даде „најоригинално“ оправдување: Ако порано набавевме вакцини јавноста ќе не обвинеше дека ги тестираме врз граѓаните!? Кога на сето ова ќе се надоврзат законските проблеми кои се појавија за примање на отстапените вакцини од Србија, тогаш е јасно дека сите случувања околу вакцините покажуваат дека имаме лош и нефункционален систем. Односно, систем кој не може на време да реагира во вакви итни ситуации за што се одговрни оние кои го водат, но и оние функционери од вториот ешалон кои мораа да се подготват во изминативе десет месеци, колку што трае кризата.
Слепо веруваа на партнерите
-Надлежните државни органи катастрофално се снајдоа во набавка на вакцините. Истите можеа побрзо да се набават, меѓутоа нашите таканаречени партнери ЕУ и НАТО не оставија на цедило, а нашите власти слепо веруваа на нив. Истите можеа да ги набават директно од производителите, како и од Русија и Кина. Меѓутоа, тие не ни се “партнери”, а ние не сме способни директно да се договориме со производителите. Здравствениот систем е оставен на цедило од страна на сите власти од 1991 па навака, и главна цел им беше да договорат поголема провизија од тендерите. Здравјето на граѓаните им е на последно место, смета граѓанинот Влатко Бундов.