Ограничена заштита од лесна форма на јужноафриканскиот сој на корона вирусот дава вакцина на „АстраЗенека“ која треба да ја добие и Македонија. Ова го покажале раните истражувања за кои информирал производителот. Но, фирмата соопшти дека сè уште целосно не утврдила дали вакцината штити од тешката форма на болеста предизвикана од овој сој на вирусот кој има поголема преносливост. Во Велика Британија, инаку, се забележани над 100 случаи на јужноафриканскиот сој.
Прелиминарните откритија, првпат објавени во „Фајненшл тајмс“ треба утре да бидат детално објавени во посебна студија. Компанијата изрази уверување дека вакцината ќе понуди заштита од сериозни случаи, затоа што создава неутрализирачки антитела слични на другите вакцини за коронавирус. Портпаролот на „АстраЗенека“ изјави дека компанијата и Универзитетот Оксфорд почнале да ја прилагодуваат вакцината против јужноафриканскиот сој, додавајќи дека нова вакцина ефикасна против мутирани верзии на вирусот ќе може да биде подготвена за дистрибуција наесен ако има потреба.
Д-р Мајкл Хед, виш научен соработник за глобалното здравје на Универзитетот во Саутемптон, рече дека ако вакцината на „Оксфорд-АстраЗенека“ дава помала заштита од лесна форма на болеста, но спречува тешка болест, „сепак ќе биде прилично добар исход“.
-Сметам дека засега не треба да бидеме премногу вознемирени од објавените наоди, но треба да ја видиме целосната студија за да откриеме какви се навистина импликациите”, рече тој за „Би-Би-Си“.
Вакцината на „АстраЗенека“ во Македонија ќе дојде во март и тоа ќе биде првата првата количина испорачана преку Ковакс системот. Според информациите од КОВАКС, за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 проценти треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Компанијата вчера рече дека вакцината обезбедува добра заштита од британскиот сој кој првпат беше откриен во Кент, а сега е доминантен во Велика Британија.