Четврта година на функција, а градоначалникот Петре Шилегов го остави главниот град без ниту еден свој капитален проект, изјави денеска Наум Стоилковски, портпарол на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека се уште единствените проекти кои ги работи Шилегов се оние кои веќе беа отпочнати и наследени од неговиот претходник.
– Се што вети излажа. Вети и излажа чист алпски воздух. Градот Скопје е еден од главните градови во Европа со најмногу загаден воздух. Мандатот го започна со уништување на шумата на Водно и масакарот на падините кон Матка. Вети капитални сообраќајни решенија. Вети и излажа спуштена крстосница кај „Мавровка“. Вети и излажа продолжување на булеварот „Илинденска“. Вети и излажа тунел под Кале. Скопје го има најубавиот неизграден тунел под Кале и најубавата неизградена крстосница кај „Нова Македонија“ ветена од Шилегов, укажа Стоилковски.
Тој додаде дека градоначалникот од Универзалната сала сакал да прави паркинг, а готовите решенија за нејзино обновување кои ги наследи се уште му стојат во фиока.
–Шилегов ги остави младите генерации без Луна Парк, готови машини стојат во хангари, а Шилегов до толку не е способен дури и да ги монтира. Шилегов четврта година продава магла, лаги. А Скопје стагнира. Напред одат само бизнис интересите на скопскиот градоначалник. Пола милион евра потроши за макети во Зоолошката градина и за новогодишни лампиони. Шилегов е срам за Скопје, потенцира Стоилковски.