Проф. Стојановска: На повидок се големи – големи проблеми во реализација на предложената настава

Искрено се надевам дека ќе се послуша гласот на стручната јавност и дека нема да бидеме единствената држава во која еден предмет во основното образование Природни науки се предава од страна на тројца или четворица наставници. Ова е став на Марина Стојановска, универзитетска професорка на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет. Таа беше и потписник на првичното писмо на група професори од овој факултет кои реагираа против предложениот концепт.

Во денешната изјава за „Скопско ехо“ Стојановска потенцира дека главното прашање е какви реформи ни се потребни.

-Она што е јасно и за кое сите сме согласни е дека постои потреба од реформи. Но, прашањето е какви реформи ни требаат навистина и дали предложенава реформа е најдобро решение за сите. Наставниците треба да веруваат во реформата и да ја чувствуваат како своја, а не како наметната. На повидок се големи големи проблеми во реализација на наставата, како со задолжителните, така и со изборните предмети. Спојувањето на предметите отвора многу прашања. Така, трите модули (физика, хемија, биологија) би се реализирале од 1 септември до 10 јуни, но непознато е во кој временски период ќе се реализира т.н. интегриран модул. И сето тоа со вкупно пет часа неделно. Дискутабилно е оценувањето од страна на повеќе наставници за еден предмет. Имено, се предлага една завршна оценка, со „опис на преференците во додатокот на свидетелство“. И само за информација: во САД совршено функционира курсот по природни науки (Сциенце), ама тие едуцираат соодветен кадар за тоа. Курсот го предава ЕДЕН наставник, а не тројца. Понатаму, тешко изводливо е за нецели 7 месеци да се изработат и наставни програми и учебници по сите предмети и да се обучат сите наставници за да започне учебната година на 1 септември онака како што доликува. На крајот на краиштата, наши деца ќе учат и наши наставници ќе предаваат по ова што ќе се донесе! Треба да биде добро осмислено, за да може секој да се вклопи, а не најголем дел од наставниците да чувствуваат отпор и одбивност. Оти така нема да биде ништо подобро од „Кембриџ“, ни рече Стојановска.

Инаку, таа свои гледишта за предложената реформа на основното образование искажа и во неодамнешната јавна расправа во македонскиот парламент каде можеше да ја слушне и министерката Царовска.

-Потребни се реформи, но овие предложени реформи се далеку од најдоброто решение. Условите за работа по природните науки во нашите училишта се катастрофални. Изведуваме настава без наставни помагала. Тоа е исто како да сакате да научите дете да вози велосипед, а да не купите велосипед. Или, да држите час по ликовно без блок и боици, физичко без топка и спортска сала. Она што е спортска сала за физичко тоа е лабораторија за хемија. Потребни ни се лаборатории, хемикалии, лаборанти…Треба да се грижиме за наставниците, за нивни услови за работа, општествен статус, да се намалат притисоци и партизација, побара Стојановска во јавната расправа.  

Инаку, денеска оваа професорка заедно со Проф. д-р Владимир Петрушевски и проф. д-р Катерина Русевска од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје за „Скопско ехо“ го искажаа и заедничкиот заклучок во врска со најавената реформа: „Интересот на децата не е само подобрување на инклузијата, воведување на сеопфатно сексуално образование, демократизација и човекови права. Има многу повеќе од тоа и некоректно е за сето тоа да даваат ум некомпетентни луѓе, макар биле и (по автоперцепција) најумни на светот“!

Претходна вестПроф. Петрушевски: Ниту еден професор од ПМФ не е консултиран при изработката на образовната реформа
Следна вестЗемале државна помош, а не им давале плата на работниците – за два месеци откриени 60 такви фирми