ЕУ нема да може да донира вакцини против ковид-19 на трети земји до април или мај, бидејќи нема доволно количини ниту за себе, изјави претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел.
Мишел во онлајн дебатата со Атлантскиот совет, запрашан дали сиромашните земји ќе ја започнат наскоро вакцинацијата против ковид-19, потсети дека пред неколку недели се одржа видеоконференција на лидерите на Унијата на таа тема, при што е испратен јасен сигнал дека има спремност за тоа, но дека ситуацијата сега е тешка и дека покрај предвидените една милијарда дози, нема доставено доволно.
Тој рече дека ЕУ обезбедила една милијарда дози вакцини преку шест договори, но дека во моментов нема доволно од нив, и затоа очекува дури во април или мај да се создадат можности за донирање на партнерите од трети земји.
-Работиме со Европската комисија и компаниите за да можеме да ги произведеме потребните количини, рече Мишел и додаде дека земјите од Западен Балкан, Африка и Источното партнерство се вклучени преку механизмот Ковакс.