Дајте да организираме веселби инаку ќе протестираме – порачаа сопствениците на ресторани

Сопствениците на ресторани за организирање веселби преку Туристичко-угостителската комора побараа итно укинување на членот 14 од Уредбата со кој во јуни лани се забрани организирање секаков вид настани (свадби, крштевки, родендени) во отворен и затворен дел од угостителските објекти.

Тие денеска на прес-конференција апелираа државата да донесе соодветни протоколи за да почнат со работа.

Ако тоа не се случи, како што најавија, идната недела ќе излезат на масовен протест.

-Ние сме единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, а користевме парцијална државна помош во поддршката за плати и придонеси, која траеше само шест месеци. Да не ги држиме во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона, како претходната, порачуваат тие.

Според нив, исплатата на еднократната парична помош во вид на грант, со максимален износ од 10 000 евра, е 2-4 отсто од вкупно остварениот промет во 2019 година, што е минимална поддршка за нивните трошоци со оглед на големината и квадратурата на објектите со кои управуваат.

 

Претходна вестТрамп засекогаш блокиран на Твитер
Следна вестКовид-19 во Скопје: 24 лица примени во болница во 24 часа