Епидемијата спласнува во Словенија и Хрватска. Ова може да се заклучи од самиот чин на започнување да се олеснуваат епидемиолошките мерки воведени поради пандемијата со Ковид-19. Забраните за патување меѓу општините и регионите во Словенија се укинати, отворени се сите продавници и повторно се дозволени собири до десет лица откако земјата се префрли на портокаловото ниво на ограничувања.
Собирите на јавни простори досега им беа дозволени на семејствата и членовите на исто домаќинство, но од денеска тие се ограничени на десет лица, поголемите настани или собири се уште се забранети, а полицискиот час од 21 до 6 часот наутро останува во сила. Сите продавници можат да се отворат од денеска, под услов персоналот да има негативен тест за корона вирус и ќе мора да се тестираат еднаш неделно. Укинати се и ограничувањата во областа на спортот и рекреацијата со дозвола на бесконтактни тренинзи за поединци и групи до десет спортисти, а спортските настани засега остануваат без гледачи.
Кафулињата во Хрватска од денеска почнуваат да работат со тоа што ќе продаваат пијалоци „за носење“. Спортски сали, фитнес центри и училишта за странски јазици, детски игралишта и работилници, клубови за автомати, казина и обложувачници, исто така, ќе можат да работат.Олеснувањето на мерките е придружено со прецизна епидемиолошка рамка, така што луѓето кои земаат храна и пијалоци не смеат да останат на терасите во кафулињата или пред нив.