Намалувањето на сиромаштијата и социјалната нееднаквост повторно стана проблем кој според граѓаните на ЕУ треба да биде политички приоритет по пандемијата на Ковид-19, покажа новото истражување на јавното мислење спроведено за Европскиот парламент.
Речиси половина од анкетираните граѓани на ЕУ (45 проценти) сметаат дека борбата против сиромаштијата треба да биде на врвот на агендата на Европскиот Парламент, покажува најновото годишно истражување на Евробарометар, спроведено во ноември и декември лани.
Тоа е за 17 проценти повеќе од слично истражување една година претходно.
Како втор приоритет за европските гражани според анкетата е борбата против тероризмот и организираниот криминал со 35 проценти, а 33 проценти од испитаниците сакаат полесен пристап до квалитетно образование.
За заштита на животната средина и биодиверзитетот како главна задача се изјасниле 32 проценти од прашаните во анкетата.
Екологијата всупност беше на врвот на приоритетите минатите години, но авторите на студијата, сметаат дека ваквата промена на приоритетите на граѓаните е директна последица од пандемијата.
Друга последица од пандемијата е начинот на кој граѓаните ја доживуваат солидарноста во ЕУ, бидејќи анкетата покажа оти за 41 процент од учесниците таа е на врвот на листата на основни вредности што ЕП треба да ги заштити, во споредба со 33 проценти лани.