Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост најавија дека на 8 март повторно ќе одржат марш на кој ќе ги изнесат своите очекувања од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за случајот „Јавна соба“, што на почетокот на годинава одекна во јавниста, откако беше откриено дека на група на Телеграм неколку илјади членови споделувале компромитирачки фотографии и лични податоци за жени, девојки и малолетнички од земјава.
Тие бараат до овој датум конкретни резултати, дека конечно преземаат мерки и започнуваат со нивна реализација. Очекуваат и кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Исто така, очекуваат процес на прочистување на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени и нивно соодветно санкционирање, како и ефикасна внатрешна политика за ефикасно санкционирање на сите полициски службеници, кои ги повредиле првата на жртвите на родово засновано насилство преку своето непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки.
Дел од нивните очекувања се и иницирање на измени и дополнувања во Законот за полиција, како и правилникот за начинот на вршење на полициските работи со внесување на специјални одредби за постапување во случај на родово засновано насилство и нивно усогласување со Истанбулската конвенција.
-Во практика не гледаме никакво унапредување во однос на полицијата во ваквите случаи. Дури и најдобрите закони во областа нема да имаат ефект доколку полицијата продолжи со непрофесионално постапување засновано на лични и произволни ставови засновани на родови стереотипи и предрасуди, велат од здружението.