Парламентарното мнозинство е стабилно, нема ни предвремени парламентарни избори, ниту реконструкција на Владата.
Вака денеска одговори лидерот на ДУИ Али Ахмети на новинарски прашања на теми кои деновиве се актуелни во јавноста – колку е стабилно парламентарното мнозинство, со оглед на изјавите од опозициските партии дека може да дојде до формирање на ново.
-Парламентарното мнозинство функционира нормално, воопшто нема судири или разлики меѓу коалициските партнери. Секако дека има разлики за одредени теми, но добрата работа е што на крајот за сите прашања се постигнува консензус. Нема никаква тешкотија во функционирањето на оваа партнерство, коалиција и воопшто не се размислува и нема никаква причина за ново парламентарно мнозинство. Не е дискутирано и не се размислува за реконструкција на Владата, изјави денеска Ахмети, на настан по повод независноста на Косово.
Неговите изјави се слични со оние на премиерот Зоран Заев кој и вчера порача дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните нема да има, отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека парламентарното мнозинство е нестабилно.