Заев и матурантите се договорија: Два екстерни и еден интерен предмет ќе се полагаат на 5 јуни

Полагање на два екстерни испита, а третиот да се трансформира во интерен испит, поместување на полагањето на матурата за 5 јуни и формирање на работна група која ќе одлучува за кратење на програмите за екстерни испити, е компромисното решение меѓу Владата и Сојузот на средношколците. Него денеска го соопштија премиерот Зоран Заев и Бленди Ходаи претседател на Сојузот на средношколците.

До решението доаѓа по двонеделниот бојкот на наставата од страна на матурантите и неприфаќањето на министерката за образование Мила Царовска и МОН на барањата на матурантите да полагаат само два предмета.

Работната група ќе биде составена од претставници на Бирото и од Сојузот и наставници номинирани од Сојузот на средношколците. Со неа ќе претседава претставник од канцеларијата на претседателот на Владата, а целиот овој процес треба да заврши некаде до средина на март.

Неодамна, по средбата која средношколците ја имаа во македонскиот парламент беше најавено дека е постигнат компромис со која „матурантите ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети, со тоа што третиот предмет ќе се трансформира во практичен испит“.

Премиерот Заев рече дека низ дијалог е најдено квалитетно копромисно решение со кое се гарантира квалитет на матурскиот испит. Со него се овозможува секој матурант да може да се запише на факултет овде во државата и надвор од неа.

– Потребно беше прилагодување на концептот на државната матура заради влијанието на пандемијата врз образованиот процес и врз основа на заедничката размена на аргументи и за нас е прифатливо се што е во нивна полза, рече Заев, додавајќи дека нужно било државната матура да претпри измени

Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи рече дека е договорено да има два екстерни испита, а третиот е симнат на ниво на интерен испит.

-Со тоа ниту еден матурант не би имал проблем со упис на факултет тука или во странство и повторно би го имал потребниот број предмети кои му се бараат за упис, рече Ходаи додавајќи дека со владата е договорено и скратување на испитните програми.

Не е познато дали за овој компромисен договор ќе биде потребно да се извршат и одредени законски промени. Премиерот Заев информираше дека со средношколците е договорено матурата да започне една недела подоцна, наместо од 29 мај, да почне од 5 јуни.

Инаку, бојкотот на наставата започна од самиот почеток на второто полугодие. Средношколците побараа да се намали бројот на предмети кои матурантите треба да ги полагаат во рамки на државната матура. Од четири предмети учениците да полагаат два предмети, и тоа мајчин јазик и втор предмет по избор на ученикот. Но, ова категорично беше одбиено од МОН и од министерката Мила Царовска кои застанаа на ставот дека полагањето државна матура е задолжително, и треба да содржи четири предмети.

– Секое скратување и менување на методологијата и концепцијата по поднесени пријави за полагање е целосно несоодветно, заради тоа што учениците коишто пријавиле матура во законски зададениот рок, пријавиле по концепција којашто е донесена на почетокот на учебната година, изјавуваше министерката Царовска.

Претходна вестКои занимања во моментов најмногу се бараат – општи работници, ѕидари, тесари, хигиеничари…
Следна вестКинеските вакцини стигнуваат следната недела, досега има речиси 56.000 онлајн пријави