И по цели 24 часа откако шефот на бугарската држава Румен Радев најави заштита на бугарски граѓани во Македонија се уште нема реакција од нашиот претседател Стево Пендаровски. Зошто е така треба да објаснат од Кабинетот на македонскиот претседател.
Но, нема дилеми дека средбата на бугарскиот претседател со тамошните безбедоносни служби заслужува реакција. Како што е соопштено, Радев на состанок во претседателската резиденција во Софија ги повикал шефовите на безбедносните служби во Бугарија.
-Целта е да се преземат навремени мерки за соодветна заштита на бугарските граѓани во странство, кога тие се нападнати поради нивниот национален идентитет, стои во објавата на неговата интернет страница.
Дали е ова закана за мешање во внатрешните работи на Македонија и дали треба да следи реакција требаше до сега да процени Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев одговори дека на никого во земјава не му се нарушени правата ниту на граѓаните кои се декларираат како Бугари.
-Иако во Уставот немаме етничка припадност Бугари, на пописот секој може да се одредели бидејќи прашањето ќе гласи на која етничка заедница ѝ припаѓате. Ние сме мултиетничка заедница, ги почитуваме правата на сите заедници во земјава, дури и на оние најмалите. Испраќам силна порака до соседна Бугарија да бидеме внимателни, затоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор на секоја нивна загриженост. Да не потпаѓаме под било какви провокации. Ние сме земји членки на НАТО, не ни треба испраќање на разузнувачки служба да ги утврдат правата на граѓаните. Правата на граѓаните се светост. Јас се надевам дека тоа било информативен состанок оти недозволиво е мешање на една држава во друга држава, тоа е предвидено и со Договорот за добрососедство, рече Заев.
Ќе реагира ли сега и Пендаровски или доста е ова од Заев? И конечно, што прави Пендаровски на Водно, повеќе денови не сме слушнале некоја конкретна негова активност, а Македонија има многу проблеми и потреби?