Колумна на Борче Милошески:
За жал, освен потенцирањето од страна на министерката Мила Царовска дека одредени историчари учествувале во процесот на креирање на Нацрт – концептот ѕа промени во основното образование, не дознавме за кои историчари станува збор и немавме можност да слушнеме од прва рака од нашите колеги преку барем неколку најконкретни примери, како се планира да се подобри квалитетот на наставата по историја? Истовремено, многу мал број на историчари воопшто изразија некаков став дека се согласуваат со овој концепт, онака, како што досега е претставен. Јас лично избројав само тројца историчари кои јавно проговорија притоа изразувајќи таков став, разбирливо, не ја исклучувам можноста да сум пропуштил некого.
Според излагањето на говорницата на дебатата за ова прашање во македонското собрание во февруари, 2021 година, евидентно беше дека професорот, академик Драги Ѓоргиев, директор на ИНИ и претседател на комисијата за преговори за историјата со соседна Бугарија, главно е задоволен од новиот образовен нацрт – концепт и промените кои што евентуално би следеле во историската настава. Во едно негово гостување на емисијата ,,Трилинг” од средината на декември, минатата година, професорот Ѓоргиев, меѓудругото, во суштина изјави дека учениците немаат придобивки од учење на настани и процеси, стари 500 години или повеќе. Во случајов, дали тоа значи дека ако на нашата младина не и е потребно да учи историја поврзана со средновековието или антиката, во тој случај би требало во неговата матична институција (ИНИ) да се укинат или барем маргинализираат одделенијата за антика и среден век? Некој од читателите можеби ќе забележи дека аналогијата не е соодветна, меѓутоа, преку ова сакам да потенцирам дека сепак, научните достигнувања во историската наука, меѓудругото, имаат за цел во една општа форма, соодветна на возраста на учениците да се употребат во програмата и учебниците по историја па оттаму може да се рече дека би се изгубил и значаен дел и од потребата на истражување на настани и процеси од овие периоди.
Зошто, доколку според изјавата на министерката Мила Царовска постоеле историчари кои биле одблизу запознаени со концептот, истите не беа транспарентни барем кон сопствената фела во однос на деталите од овие промени. Во ситуација кога нашата држава се наоѓа пред силен притисок да прифати во голема мера, туѓ национален наратив (од соседни Бугарија и Грција), ниту еден од тие историчари чии имиња официјално не беа објавени од МОН, не одвои време да ги успокои своите колеги дека не станува збор за поврзаност помеѓу двете прашања, бидејќи реалноста е дека сомнежот за тоа постои кај фелата на историчарите!
На крајот би запрашал, зарем токму ние наставниците кои долги години и децении од животот ги поминуваме зад катедрата, не заслужуваме конкретни одговори, особено кога станува збор за ваква коренита промена во нашиот образовен систем???