Нови конфузии околу набавката на кинеските вакцини што ја правеше македонската Влада се појавија денеска по пишувањето на италијанскиот весник „Ла верита“. Овој весник, познат кај нас по објавувањето на разни материјали врзани за случувањата во Македонија, во текстот насловен како „Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот“ објави дека кулминацијата со лошото менаџирање и набавувањето на вакцини од страна на македонското државно раководство се случила со Кина.
-Причината за враќање на авансот за вакцините од „Синофарм“ е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом-фирма со седиште во Хонг Конг, наведена во сите официјални писма на министерот Филипче. Поседуваме две писма од министерот за здравство Венко Филипче, кои уште еднаш го демаскираат македонскиот премиер. Првото писмо докажува дека министерот Филипче испратил барање до кинескиот ‘Синофарм’ дури на 25 декември 2020. Во второто писмо од 25 јануари министерот пишува дека и би ја ослободил Кина од каква било можна одговорност од негативни ефекти од вакцината. Ова го потврдува притисокот на балканската влада за финализирање на договорот. Заев призна, подоцна, дека се обратил до Пекинг, но на крајот на февруари Пекинг му го вратил авансот. Причината за ова е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонгконг, која е наведена исто така во сите официјални писма на министерот, се наведува во написот на италијанскиот весник.
Во него се додава дека фактот што приватна фирма, која според првични анализи нема стабилни темели, но има доволно средства депонирани во германската Дојче банк била вклучена од страна на македонската влада во посредувањето, во Пекинг отворило сомневање дека можеби се наоѓаат пред обид за измама, и тоа довело до поништување на процедурата.
Околу ова, премиерот Заев денеска одговори дека е вистина дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против Ковид-19, но отфрли какви било инсинуации за незаконски дејствија. Тој рече дека „не ја прочитал утринската вест на Ла Верита, но дека Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните“.
– Да, сме правеле нарачки, ни помогна „Пауер Чајна“ која е мајка на фирмата која ги гради патиштата во С. Македонија. „Пауер Чајна“ е еден од кандидатите за Чебрен, голема компанија, државна сопственост на Кина и од таму се обидувавме покрај амбасадата. По сите можни канали се обидувавме час поскоро да обезбедиме вакцини, јас, како и министерот за здравство Венко Филипче ја информиравме јавноста дека по две недели, чекање на активности на кинеската амбасада, ние директно преку „Синофарм“ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме нарачките да стигнат преку МНР на Кина и кинеската амбасада, рече денеска Заев.