Денеска на депонијата Дрисла уништени се 4,3 тони путер со изминат рок кој го увезла млекарницата „Евро Млекара“ ДООЕЛ Скопје. Според Агенцијата за храна и ветеринарство, путерот не можел да се користи поради тоа што голем дел од критериумите за безбедна храна се компромитирани.
Се работи за манпулации со документацијата за увоз и за складирање на производот, со рокот на употреба, и со неговото чување во неодобрени објекти – ладилници за складирање на храна од животинско потекло, кои се откриени при двонеделна инспекциска контрола, и е дел од 20 –те тони кои оваа компанија ги увезла.
Фирмата немала одобрение за солење на путер, поради што увозот бил за несолен путер, а како таков тој мора да се продава како свеж и не смее да се замрзнува по складови и ладилници на – 18 степени целзиусови.
Спорно е и потеклото на путерот, за кој во декларациите стоело дека е од Германија, но подоцна е утврдено дека е од Турција.
Несовпаѓања се утврдени и во датумот на производоство и рокот на употреба на производот, односно на кутиите е забележано дека првичните декларации се одлепени и се ставени нови декларации кои не се комплетни.
Поради сето ова од страна на официјалниот ветеринар издадено е решение за итно повлекување на блоковите путер и наредено е веднаш да се стопира продажбата на путерот и истиот да се врати во млекарницата.
Три дена, темата со расипаниот путер беше главна и во јавноста и на социјалните мрежи, откако од вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николоовски беше означена како голем успех во заштитата на здравјето на граѓаните.
На крајот денеска беше соопштено дека путерот е уништен, а фирмата е казнета со глоба од 1 500 евра во денарска противвредност согласно член 32 став (2) од Законот за безбедност на храна, односно поради немање на соодветна процедура за следливост.