Почна ли да се игра понг-понг меѓу државните институции околу тоа кој треба да донесе одлука за тоа дали пописот на населението ќе се одржи или не во ваквите новонастанати пандемиски услови? Прашањето се наметнува по она што денеска се слушна од првиот човек на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски и неодамна од директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симевски. Одговарајќи пред недела дена на барањата да се одложи пописот поради се поголемиот број на заболени од корона вирусот Симевски изјави дека таква одлука може да ја донесе само Комисијата за заразни болести.
-Единствените коишто можат да предложат одложување на пописот поради Ковидот е Комисијата за заразни болести. Ако оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука. Ако се даде препорака, таа оди во процедура, на Кризниот штаб, па на Влада. Меѓутоа за да ние евентуално одложиме треба на крајот да се промени и Законот, што значи измена на законското решение, а тоа е огромна процедура, изјави Симевски.
Меѓутоа, првиот епидемиолог во земјава Караџовски на денешната конференција за печат имаше поинаков став.
-Комисијата за заштита од заразни болести не ја носи одлуката дали пописот ќе се одржи или не. Ние подготвивме протокол за заштита при вршењето на пописот, како што направивме за одржување на изборите, за работата на Владата, на парламентот. Дадовме повеќе опции за заштита кога пописот се врши во куќа, во зграда, за носење на маски и други заштитни средства, држење на дистанца од најмалку два метри. Тоа го испративме до надлежните. Но, конечната одлука дали пописот ќе се спроведе или не, е одлука на други државни институции, објасни Караџовски.
По ова сега останува нејјасно кој е органот кој треба да процени дали во услови на ширењето на корона вирусот може да се врши пописот. Односно, кој треба да даде предлог за одлагање? Во меѓувреме, официјалниот термин за почеток на пописот 1 април наближува.