ВМРО-ДПМНЕ го обвини Шилегов дека на партнерот на Царовска му дава бизнис, од Градот Скопје возвратија дека тоа се лажни вести

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека сред пандемија дал милион денари за снимање шуми со дрон на фирмата која ја води партнерот на министерката за образование Мила Царовска.

-Пред две недели, на 4 март, Флај Кем, фирмата на „родител два“ во семејството на Мила Царовска, потпишува договор со Град Скопје за снимање со дрон за неверојатни 1.340 евра за прелетан километар квадратен над Скопје! Всушност, сопругот на Мила Царовска склучил договор со потписникот Петре Шилегов, за цела година, односно за 12 месеци, во вкупна вредност од 1.000.000 денари“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција.

Ова се случува во неколку наврати, потенцира Стоилковски, па така додека годинава се снимаат шумите за откривање растителни болести, во 2019 година се снимале диви депонии во Скопје, за речиси иста сума од милион денари за една година.

-Во моменти кога Македонија тоне во здравствена и во економска криза, а се повеќе деца се заболени и имаат последици од короната, во време кога училиште во Скопје се затвори пред налетот на епидемијата, прашање е која е вистинската причина сега, во изборна година Петре Шилегов да спроведува ваков проект? Потребен ли е ваков проект за Мила Царовска да го обезбеди бизнисот на својот сопруг за цела година со еден милион денари? И главното, што се можеби ќе се сними при летањето со дрон над Скопје, а потоа е можно да се употреби како видео материјал за кампања за локалните избори?, потенцира Стоилковски.

Од Град Скопје му одговорија на Стоилковски дека треба да престане да шири лаги. Во соопштението се наведува дека во неполни 3.5 години, од кои една е во услови на светска пандемија, Градот и градоначалникот успеаа во рекордно време да завршат четири нови булевари, реконструираат цел клинички центар и да ја изградат монтажната болница.

-Кога се завршува мостот на Вардар во Аеродром, кога секоја година се градат десетици километри нови велопатеки, подигаат илјадници квадратни метри нови зелени површини и истовремено се уредуваат запуштени јавни простори, се подигнуваат нови дрвореди, се уредуваат зелени покриви, кога светските организации за мерење на загадувањето на воздухот бележат континуиран пад на загаденоста во Скопје, кога низ градот се движат 33 нови МАН автобуси на гас, се пробива и расчистува кејот на Вардар, кога после 30 години управување со Град Скопје од страна на ВМРО ДПМНЕ, имавме само желба и муабети, а градоначалникот Шилегов успеа за само три години да го доведе градот пред набавка на трамвај на тркала, логично е дека оваа партија ќе нема што друго да прави освен да измислува скандали и да пласира лажни вести. Им порачуваме да почнат да си го сакаат градот во кој што живеат, да почнат да работат за него и да престанат да шират лаги, соопштија од Градот Скопје.

Претходна вестСрбија добива уште 100.000 дози од руската вакцина
Следна вестВо Скопје Север повреден 27 годишник откако во него било пукано