Пратениците ќе се соберат за пратенички прашања, а и Заев ќе барал одговори…

Во македонскиот парламент за денеска е закажана седница за поставување на пратеничките прашања. Неизвесно е дали по неа ќе следи и одржување на други седници. Парламентот веќе со недели е блокиран поради тоа што владеачкото мнозинство не може да обезбеди кворум. Претставниците на власта и на опозицијата вчера испратија сигнали дека се подготвени да се најде решение макар за усвојување на пакетот на закони поврзани со антикризните мерки за помош на граѓаните и на стопанството.

Ќе се растрча и премиерот Зоран Заев кој најави дека денеска пред седницата за пратенички прашања ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да се разгледаат одредени можности што стојат на располагање за деблокирање на парламентот. Владејачкото мнозинство во Собранието во моментот брои 62 пратеници, а двајца од нив беа позитивни на Ковид-19.

Дали премиерот ќе се сретне со преставници на опозицијата? Дали Заев на седницата на пратеничките прашања ќе ги праша народните пратеници за откочување на парламентот? Дали ќе вети дека опозицијата нема да биде игнорирана како до сега во Собранието? Дали можеби решението е во широка Влада или пак во вонредни избори? 

Многу прашања се наметнуваат, на кои треба да се одговори за да се најдат решенија да функционира зарибаниот собраниски систем. Доста е од политиканство и инает, Македонија губи поради тоа.

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара посебна седница за антикризните закони и одлуката за продолжување на кризната состојба на северната и јужната граница, но тоа за претседателот на Собранието Џафери е неприфатливо и тој остана на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање. Пред седницата за пратенички прашања денеска Џафери треба да одржи брифинг со новинарите, на кој можеби ќе соопшти нови информации во врска со можноста за деблокада на Собранието.

Премиерот Зоран Заев вчера од Велес најави дека денеска ќе се бара решние за блокадата.

-Еден дел од важните закони за жал се изблокирани. Сите опции се на располагање, од средби на координатори на пратенички групи па се до лидерска средба и вонредна состојба за да се ослободат институциите да носат одлуки што се од животно значење за нашиот народ. Ќе ја направам консултацијата, дали во Собранието, дали во Клуб на пратеници, сакаме да најдеме решение, рече Заев.

Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара денеска пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже седница со дневен ред со четирите закони кои се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба, потенцирајќи дека „иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и граѓаните, сепак истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“.

-Тие закони се во собраниска процедура уште од месец февруари, но долго време не се ставаа на дневен ред поради тоа што Владата немаше во буџетот пари, а тоа пак е последица на расипничкото и недомаќинско работење и помешаните приоритети. И втората причина е што за оваа нивна слабост сега сакаат да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ, напиша Мицкоски на Фејсбук.

 

Претходна вестПретежно сончево, но со слаб северен ветер
Следна вестА казни за оние кои 10 години не спровеле попис ќе има ли?