Мрежа на адвокати за бесплатна правна помош на граѓаните кои ќе одбијат да се попишат на претстојниот попис на населението, најави синоќа Димитар Апасиев, лидер на опозицикста партија Левица. Ваквата активност од оваа партија доаѓа откако вчера владините претставници најавија затворски и парични казни за лица кои ќе повикат на бојкотирање на пописот или нема да се попишат.
-За граѓаните нема кривична одговорност за непопишување, има предвидено прекршочна одговорност, што е понизок износ. Но, тоа се однесува доколку сте го пуштиле попишувачот дома. Не постои одредба која вели дека ако не го пуштите попишувачот, вие ќе бидете казнети, истакна Апасиев.
Пред да влезе попишувачот, додаде Апасиев, граѓаните ги штити членот од Уставот кој ја гарантира неповредливоста на домот. Попишувачите не се овластени да казнуваат, па тоа се постапки кои со години траат.
-Ќе организираме мрежа на адвокати – бранители кои ќе даваат бесплатна правна помош. Во историјата на Македонија не постои човек кој бил казнет за непопишување, нагласи тој.
Во врска со тврдењето на Владата дека бојкотот на пописот претставува кривично дело „Организирање отпор“, Апасиев подвлече дека во посоченото кривично дело организирањето отпор и непослушност е кон, како што е и пропишано во Кривичниот законик, законити одлуки и мерки на државен орган.
-Но, пописот не е тоа. Пописот е закон. Не е одлука на државен орган, нагласи Апасиев. Тој додаде дека всушност Владата организира отпор кон законитите одлуки и мерки кои се донесени во врска со пандемијата и кои сè уште се на сила.
Апасиев објасни дека во ситуација на епидемија и кризна состојба примарни прописи се законите и мерките кои го штитат животот и здравјето на граѓаните, права кои се загарантирани во Уставот.
-Јас како граѓанин правам кривично дело доколку ги пуштам попишувачите, правам затоа што не ги почитувам одлуките, мерките кои приоритетно важат во време на епидемија. Затоа, правно гледано, до 30 јуни не може да се спроведе легитимен попис.
Тој јавно повика да ми го одземат имунитетот и да го гонат, па ќе се видело кој ќе добие во Стразбур.
Левица неодамна најави бојкот на пописот, доколку операцијата не биде одложена за една година, а истовремено почна и со кампања насловена „Не отворам врата“. Ситуацијата со ковид-19, „правната недореченост на законот за попис и политичкиот договор за фингираните резултати“ се аргументите поради кои опозициската партија повикува да се делигитимира статистичката операција.
Од друга страна, и се повеќе граѓани се на ставот дека поради стравот од ширењето на вирусот нема да ги пуштат попишувачите дома.
–Јас лично нема да ги примам попишувачите и да дојдат со скафандери, со капи, ракавици. За секоја куќа или стан комисијата ќе облекува нова униформа или со истата ќе одат во 10 куќи? Пописот треба да се одложи и тоа за една година бидејќи вирусот зема голем замав и жртви. Се плашиме до продавница да одиме а не некој дома да го примам, изјави за „Скопско ехо“ граѓанката Вера Јаворац.