Чија е одговорноста за нефункционалната платформа за далечинско учење?

Колумна на Борче Милошески:

Пред само неколку дена, поточно на 10 март, Сојузот на средношколците истакна соопштение преку кое ја оцени работата на Министерството за образование и наука со оценка, ,,1”. Младинците, повикувајќи се на нивни истражувања, посочија неколку клучни проблеми кои се јавиле при наставата на далечина и истите ги користат како своевидни аргументи за дадената ниска оценка.

Јас, од друга страна, нема преку текстов да го анализирам нивното истражување или пак најдиректно да ги потенцирам проблемите кај моменталната настава на далечина кои секако, како наставник во средно образование можам да кажам дека не се во мал број, туку, повеќе ќе се осврнам на приоритетите кои требаше да си ги постави МОН оваа учебна година, а во тој случај можеби и немаше да добие ваква ниска оценка од страна на учениците. Би додал само дека здруженијата на наставници би можеле да извлечат поуки од примерот на овие средношколци. Првенствено, да се потсетиме дека оваа учебна година започна приближно еден месец подоцна од вообичаениот почеток, бидејќи, МОН не беше одлучно извесен период, дали да се започне со физичко присуство, онлајн настава или комбинирано, иако, еден цел летен период имаше простор за анализа. Почетокот беше одложен и поради креирање на национална платформа, која требаше да ги задоволи потребите за наставата на далечина со еден унифициран пристап за сите наставници. Платформата требаше да се користи и како своевидна база на едукативни материјали и електронски наставни помагала кои требаше да бидат достапни и за учениците и за наставниот кадар, меѓутоа, илјадници ученици и наставници беа најдиректни сведоци дека платформата не е функционална, по што, по насока на БРО и МОН се премина на користење на алатката Microsoft Teams, додека, наставниците беа приморани во голема мера да импровизираат.

Како и во многу случаи досега и овој пат одговорноста никој не ја презеде, ниту пак јавноста доби некаков извештај  за средствата кои беа употребени за овој неуспешен проект на министерката. Би поентирал со тоа дека кога имаме вонредни образовни услови, кога е потребна сериозна психолошка поддршка особено кај младата популација, кога имаме сериозни пропусти во наставата на далечина кои ќе остават значителни последици во иднината на ова општество, министерката, наместо да се занимава со овие актуелни проблеми и прашања, истата се занимава со реализација на нов образовен концепт, иако, истиот беше подложен на остри критики од страна на стручната јавност во изминатиов период!

Претходна вестЌе го лета ли Скопје скапо изнајмениот дрон?
Следна вестВечерва во 20.30 часот: Кале, плоштадот, мостовите во мрак во чест на планетата Земја