Апел до актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов да лобира кај збратимените градови со Скопје да ни донираат вакцини против корона вирусот упати денеска неговиот претходник Коце Трајановски. Во објавата на Фејсбук Трајановски потенцира дека здравјето на граѓаните треба да биде приоритет.
-Петре, пандемија е и секој ден губиме животи. Приоритет нека ви биде здравјето на луѓето. Јавно апелирам веднаш да ги искористиш контактите со збратимените градови на Скопје и да побараш да донираат вакцини се со цел да ги имунизираш вработените во градот и јавните претпријатија кои се изложени секојдневно на ризик да се заразат со вирусот. Наместо да ги менуваш имињата на улиците во Скопје и да ги вознемируваш скопјани во време кога се во паника и го бараат спасот од пандемијата надвор од границите на државата. Петре направи нешто корисно за Скопје во овие тешки моменти, има време за водење дневни политики!, напишал во објавата Коце Трајановски.