Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Изминатата недела се одржа дебатата на европратениците за годишните извештаи околу напредокот за земјите од Западниот Балкан, респективно и Македонија. Во врска со македонските работи, споменатиов настан, накратко може да се опише – ништо ново од Запад, а сè е по старо од Исток!
Но, затоа во „Северна“ нема јунак за да излезе на мегдан и да ги одбрани историјата и достоинството, честа и правата на македонскиот народ, на европско ниво. Затоа што, токму таму, бугарските европретставници бесрамно и гласно, зборуваат дека во македонската држава „се нарушува слободата на изразување на Македонците со бугарско потекло“, дека таму „бугарската заедница била мнозинство пред да дојде Тито на власт“, а по Втората светска војна Македонија „убила повеќе од 120.000 Бугари“ и дека Бугарите, не смееле да се декларираат како такви на претстојниот попис.
Но, што и да очекуваме од оние, чија држава и систем, пред осум децении подобро од другите ја осознаа Гебелсовата мисла, дека: „Една лага, кажана само еднаш е лага, но лага кажана илјада пати, станува вистина“.
Иако во основата тоа се лажливи, неточни, безобразни изјави на сред европскиот подиум, сепак се вознемирувачки. Овие политички манифестации на Бугарија (толерирани од државите на ЕУ) имаат за цел да го искористат моментот за рационална и практична намера – после долго време настојување, да ги модифицира клучните елементи на македонскиот идентитет и култура, како бугарски во регионалниот геополитички контекст.
Ова пак, значи кршење на клучните меѓународни правни принципи – особено принципот на самоопределување, принципот на немешање во внатрешните работи на една држава, начелото за малцински правата и др.
Затоа, господо од власта, но и сите вие од пошироката политичка и општествена јавност, станете, јасно и гласно да се спротивставите на оваа брутална мистификација и нечуена лага во светот од поодамна. Од времето на старата мудрост: „оној што лаже или клевети е крадец над крадците, затоа што на ближниот му го краде најсветото – честа и почитта! И затоа господо, наместо да молчите и со рака во џеб да шпацирате, небаре сте холивудски ѕвезди, ова чудо од лошодобрососедство треба со зборови и дела да го пресечете во корен, како што и заслужува!
Македонскиот народ не создава историја за да му ја разграбуваат, за да биде понижуван и клеветен!