Нека го намалат бројот на советниците кога веќе менуваат правила за локални избори

Дочекавме Заев и Мицкоски за нешто да се договорат. Решија една од темите да биде – изборите.

Гласање со отчитување на отпечаток од прсти, избор на градоначалник во првиот круг, отворени листи за советници…за локалните избори, но и можноста на парламентарните избори да има само една изборна единица, во дијаспората да не се гласа само во дипломатски претставништва… се промени кои реално се очекуваат по вчерашниот договор на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Низ парламентарна процедура ќе се види какви се промени се можни и потребни во Изборниот законик за да се има фер и демократско гласање.

Но, дали промените врзани за изборите треба да го опфатат само овие прашања? Досегашните искуства покажаа дека многу нешта се зрели за промени околу оваа тема.

Зошто, да не се размислува за намалување на бројот на советниците во Градскиот и општинските совети? Искуствата покажаа дека тие се и многу и дека се скапи. Нивната сегашна бројност во Советите е определна со закон кој предвидува општините до 5.000 жители да имаат 9 члена, оние до 40.000 да имаат 19… оние до 100.000 31, над сто илјади жители – 33, а Градот Скопје – 45 советника.

На нивното конто, на пример, во 2019 година се исплатени вкупно 816,153 евра, а така сигурно било и лани. Најмногу, како што покажала анализата што ја направил Центарот за граѓански комуникации, месечно биле плаќани 45-те советници од Советот на Градот Скопје – по 24.276 денари, а потоа оние од општина Чаир – 17.184 денари, па од Аеродром, Гази Баба и Карпош – 16.993, Центар, Бутел, Ѓорче Петров и Сарај – 14.566, а најмалку од Шуто Оризари – 12.138 денари…

Нека седнат Заев и Мицкоски, но и другите партии и нека ги намалат бројките за советници. Зошто ни се во толкав број. Да не неможат да носат одлуки ако се помалку?

И нека не заборават дека тоа не е се – да бараат решение и за многубројните разно- разни управни одбори по државни претпријатија. Многу џаболебари се вгнездени таму на сметка на народот.

Претходна вестСела и Гаши за одложувањето на пописот: Не може, овој филм сме го гледале веќе
Следна вестНови 74 хоспитализирани во Скопје за 24 часа – вкупно во земјава има 1.577 ковид-пациенти