Комата во која западнал македонскиот пулмолог Ангелко Ѓорчев по вакцинирањето во Ниш, Србија не е последица на примената вакцина. Ова за српската агенција Бета го изјави директорот на нишкиот Универзитетски клинички центар, Зоран Перишиќ.
-Анализите покажаа дека неговата состојба не е последица на примената вакцина. Неговата состојба е непроменета, изјави Перишиќ.
Лекарите ги елиминирале срцевите проблеми како причина за состојбата, бидејќи е направена коронарна ангиографија и се проверува состојбата на бајпасите што ги имал пациентот од претходно.
За случајот со својот татко вчера информира и поранешниот пратеник Влатко Ѓорчев на неговиот Фејсбук профил.
-Мојот татко Проф. Др. Анѓелко Ѓорчев е во длабока кома и се бори за животот на респиратор. Се надеваме и се молиме да му се подобри состојбата…Вчера рано наутро (недела) тргнал за Ниш да се вакцинира, затоа што неговата сакана Македонија тотално потфрли со вакцините. Појде на вакцинација заедно со неколку негови колеги доктори. Стар човек (роден 1948 година), со три бајпаса и три стента. Отиде за Ниш, затоа што цела година беше дома. Речиси без излегување, со минимум, минимум социјални контакти поради ковид кризата, напиша вчера Ѓорчев на Фејсбук.