Дали косовските власти ќе дозволат екстрадиција на Африм Исмаиловиќ, осуден во случајот „монструм“ а кој што завчера беше уапсен во Приштина врз основа на меѓународен налог? Ова прашање се поставува по неговото приведување откако бил идентификуван од полицијата поради учество во сообраќајна несреќа. Познато е, тој е осуден на доживотен затвор во случајот „Монструм“ и него го бараат македонските власти.
Неговиот адвокат Бесник Бериша вчера изјави дека по проверката на кривичната историја на неговиот клиент, е утврдено дека за него има меѓународна потерница и притоа надлежен обвинител му одредил 48-часовен притвор.
– Апсењето се случи вчера во попладневните часови. Беше случајно, како последица на сообраќајна несреќа. Откако беше повикан во полициска станица за интервју, според процедурите, полициските службеници проверија дали истиот се бара за некое друго кривично дело и им се појавила потерница од 2012/2013 година издадена од С. Македонија, изјави Бериша.
Според него, приведувањето е незаконско, затоа што за истото кривично дело неговиот клиент бил осуден порано и ослободен, додека моментно чекал да завршат процедурите во однос на неговото брање за азил во Косово.
Официјални извори од Полицијата на Косово, со писмен одговор до приштинскиот медиум „Газета експрес”, ја потврдија информацијата за приведувањето и притворањето на Исмаиловиќ.
-На 1 април, околу 15 часот, врз основа на меѓунроден налог, е уапсено бараното лице, маж, државјанин на С. Македонија, и истото е пратено во притвор. Случајот ќе се третира согласно предвидените процедури за таквите случаи, во координација со соодветните институции, соопшти полицијата.
Покрај Африм Исмаиловиќ, во бегство во Косово е и Алил Демири, од каде косовските власти со години не ги екстрадираат
Африм Исмаиловиќ, како и неговиот брат Агим и Халил Демири, на 23 февруари годинава беа осудени од Кривичниот суд во Скопје на доживотен затвор по обвинението дека на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство. Двајца други обвинети, Фејзи и Хаки Азири, беа осудени на 15 односно девет години зазтвор. За обвинетиот Сами Лута, се одби обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Сега останува да се види како на овој случај ќе реагираат македонските власти, односно, дали повторно ќе биде побарана екстрадиција? Во 2016 година Основниот суд во Приштина донел одлука со која не се дозволува екстрадиција на двајцата првообвинети за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.