Колумна на Никола Тасев:
Зошто Македонија е држава на секојдневни афери?
Зошто полесно можат да се избројат „обичните” деновите, отколку оние со скандали?
Зошто побрзо ќе се пребројат функционерите околу кои не избила афера, отколку оние другите?
Многу „зошто”, а одговорот е еден и е многу едноставен: затоа што полицијата и обвинителството не ги разрешуваа аферите!
Надлежните за сузбивање на криминалот како да се сенилни. Плус тоа и јавноста аферите ги заборава, а граѓаните затрупани од афери и лични проблеми стануваат рамнодушни затоа што се навикнаа дека веќе утре пак да очекуваат нов скандал, а вчерашниот да го заборават. А функционерите… тие пак се веќе се научени да истрпат ден – два, да се примират, да пуштат некое штуро соопштение каде што сите други се виновни и пак да си тераат по свое: со афери, со неетичко и со криминално однесување.
Ете затоа аферите ни се редат како на филмска лента, државата тоне се подлабоко во криза, а народот во апатија!
Верувам дека при средбите со дипломатите, нашите функционери добиваат укори: аферите мора да се решаваат и верувам дека слушаат и климаат со главите, но гледаме дека забораваат се откако ќе излезат од состанок. Па странците почнаа покрај укажувањата и на дело да ни покажуваат како треба да се постапува. Тука мислам на последната акција со провалувањето на шверцот со марихуана. А и од таму, по „заслуга” на нашите власти останаа многу нејаснотии, за кои можеби јавноста никогаш нема да ја дознае вистината.
Понатаму: аферата со пасошите! Ниту мене, а верувам и поголемиот дел од јавноста не ни е толку важно кој ги печател, туку кој наредувал и кој се добил македонски пасош. Јавноста мора да знае: Чавков ли бил, Чулев ли или Спасовски или пак некој повисок од нив и колку пасоши се издале. Еден прес, неколку партиски соопштенија и толку. Молк… Архивирано… Заборавено!
А јавувањето на премиерот на полицајката на граничен премин афера ли е? Нормално дека е, ама во јавноста веќе не се споменува. Како што не се споменува ни скандалот со набавката на вакцините од Кина. Што се случи? Не верувам дека некогаш ќе откриеме, но фактот дека се уште не се испорачани вакцините и дека понизно и со непримерно улижување го нагостивме министерот за одбрана на Кина, укажува дека дебело сме ја закашкале работата со Кинезите.
Да ја вратам филмската лента на афери 5-6 години наназад. Се споменува ли во јавноста, освен оние кои се процесуирани од Обвинителството, некој скандал од времето на Никола Груевски или пак од владите пред него. И мене, што следам политички настани со години наназад, ми е тешко да се потсетам. А имаше многу и тие беа заташкувани, недоразјаснети… Ништо поразлично од сега.
Епа ајде да кажеме СТОП на ова! Аферите да се расчистуваат до крај. На потег се чесните кадри во полицијата и обвинителството. На потег се и медиумите. На потег е и народот.
Сите треба да го засилиме амбиентот за борба со криминалот. Зарем ќе оставиме со криминалот да се пресметуваат тие кои се затекнати со рацете збрцани во државниот мед? Зарем да не јаваат бидејќи се однесуваме сенилно?
Ние граѓаните да го покажеме нашиот револт демократски и јавно, а не само со коментирањето при испивањето на утринското кафе во локалното кафуле или на социјалните мрежи.
Во Загреб пред две – три години, загребчани тропаа со тенџериња за секој скандал на администрацијата на тогашниот градоначалник. Можеме и ние да изјадеме начин да ги разбудиме и надлежните во власта и поспаната опозиција.
За разлика од Македонија, во останатите држави аферите и скандал – функционерите не се забораваат. Па така ние можеме да заборавиме на сите афери од времето на Црвенковски и неговиот министер Фрчковски, кого ќе го номинираме и за амбасадор, ама останатите не забораваат – и нема да го прифатат.
Ако почнеме да се однесуваме како „останатите” – ќе тргнеме напред! До тогаш…